Селото Зрновци е седиште на општината Зрновци и се наоѓа на 8 км јужно од градот Кочани, во подножјето на планината Плачковица. Според пописот од 2002 година, селото имало население од 2.221 жител a според последниот попис од 2021 год има 1.534 жители.
За самиот назив Зрновци, постои предание меѓу народот дека настанал од "зрно и овци", што говори дека овој крај изобилувал со зрнени култури и со мошне развиено сточарство.
Селото се наоѓа на:
- 8 км оддалеченост од најблиската железничка пруга во Кочани;
- 134 км оддалеченост од главниот град Скопје;
- 118 км оддалеченост од аеродромот Петровец кај Скопје;
- 60 км оддалеченост од граничниот премин кон Бугарија кај Делчево;
- 184 км оддалеченост од граничниот премин кон Грција кај Богородица.
Зрновци се наоѓа на надморска висина од 360 м и како дел на Кочанска Котлина е заштитено од силни северни ветрови со Осоговски Планини, а од силни воздушни продори од југ со планината Плачковица.
Селото Зрновци е модерно село со уредена инфраструктура и со жители со урбани навики.
Прекрасната река Зрновка поминува низ сред село веднаш покрај уредениот парк и новоизградениот плоштад. Во средината на плоштадот има убава фонтана и бронзен споменик на патронот на општината “Св. Димитриј“. Во селото опстојува и работи Основно училиште „Синиша Стоилов“ со околу 200 деца од 1-9 одд.