Што претставува и зошто е значаен локалниот економски развој

Локалниот економски развој (ЛЕР) претставува сложен концепт. Во основа тој се однесува на активностите и политиките што треба да ги преземе една локална власт (општина) за да го стимулира економскиот развој на својата територија. Всушност, егзистирањето на општините во современи услови не може да се замисли без спроведување локален економски развој, а успешното реализирање на концептот на ЛЕР подразбира создавање поволна клима за деловни активности и инвестирање.

Практицирањето на концептот на ЛЕР претставува прoцeс сo кoј лoкалнитe власти управуваат сo расположивите рeсурси и сoздаваат дoгoвoри за партнeрствo сo приватниoт сeктoр за да сe отворат нoви рабoтни мeста и да сe стимулира eкoнoмската активнoст.

Концептот на ЛЕР може да се претстави како прoцeс вo кoј партнeритe oд јавниoт сектор (локалната власт), бизнисот и нeвладиниoт сeктoр, рабoтат заeднo на сoздавање пoдoбри услoви за eкoнoмски раст и креирање нови рабoтни мeста. Притоа како основни вредности на успешниот ЛЕР се издвојуваат: партиципативноста и вклученоста на повеќе партнери, територијалниот пристап, користење на расположивите локални ресурси, отворањето нови работни места, и зголемување на капацитетот на локалната економија за пораст на благосостојбата на жителите во таа област.

Предуслови за успешен локален економски развој

Основните економски цели на локалните власти , без оглед на нивните можности, треба да бидат насочени кон обезбедување стабилни услови за економска активност, поддршка на локалниот бизнис сектор и привлекување нови инвестиции. Сето ова треба да обезбеди креирање нови работни места и подигање на нивото на животен стандард на населението во општината. Постигнувањето на ваквите цели подразбира доследна имплементација на концептот на ЛЕР.

Успешниот економски развој во една општина, подразбира дека таа (локалната самоуправа) треба да обрне внимание на неколку важни аспекти: формирање релевантни органи (институции) во состав на локалната власт, изработка на развојни документи, водење компетентни локални политики и обезбедување услуги што ќе им бидат достапни на фирмите и населението на нејзината територија.

Во структурата на локалната власт треба да се издвојат неколку органи кои можат да имаат значајни ингеренции во доменот на ЛЕР. Покрај неспорната улога на Градоначалникот и Советот, многу значајна е улогата на Одделението за ЛЕР (кај некои општини Сектор) и Постојаниот економски совет во Општината (советодавно тело за локален економски развој). Важноста на Одделението за ЛЕР произлегува од фактот што тоа треба да биде во постојана комуникација со релевантните централни институции (министерства, агенции, итн.), со менаџментот на локалните компании (освен редовните контакти, треба да спроведува анкети за откривање на ставовите на бизнисмените), како и контакти со заинтересираните домашни и странски инвеститори.

Општината треба да изработи низа стратешки развојни документи, во прв ред Стратегија за локален развој. Преку неа се покажува во која мера локалната власт е фокусирана на согледување на интересите и проблемите на деловниот сектор и граѓаните. Стратегијата за ЛЕР треба да биде транспарентна (подложена на јавни расправи), инклузивна (вклученост на претставници на јавниот, приватниот и невладиниот сектор), и да ѝ се даде политичка поддршка од страна на Советот.

Политиките на локалната власт во економската сфера најчесто се фокусирани на: промоција на можностите за инвестирање, развивање на економската соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор, и транспарентна политика на локални даноци и такси. Овие политики даваат конкретен придонес во формулирањето на односите со деловната заедница.

Активностите за промоција на инвестиционите потенцијали треба да се однесуваат, пред сè, на дејностите и гранките во кои општината има компаративни предности. Развивањето на деловната соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор подразбира редовна комуникација помеѓу локалната власт и компаниите односно позитивен став на локалните власти по прашањето за партиципација на приватниот сектор во вршењето одредени комунални дејности.

Сферата на локалните јавни финансии претставува многу погодно поле за соработка на локалната власт со приватниот сектор. Имено, учеството на претставници на локалното стопанство во процесите на донесување одлуки за видот и висината на локалните такси, испраќа позитивни сигнали кон новите инвеститори. Кон ова се надоврзуваат информациите за евентуалните фискални олеснувања што ги овозможува општината: во врска со плаќањето надоместоци за уредување градежно земјиште и/или комунални такси, субвенции за земјоделците, субвенции за жени-претприемачи, итн.

Услугите што треба да ги обезбеди локалната власт за потребите на деловниот сектор и граѓаните во прв ред се поврзани со информации за постапките за добивање градежни дозволи, информации за постојната инфраструктура и соодветни комунални услуги. Релевантните и прецизни информации можат во голема мера да го олеснат работењето на компаниите во општината. Во поглед на состојбите во постојната инфраструктура, факт е дека одделните општини располагаат со различни буџети, кои во голем број случаи не се доволни за задоволување на нивните потреби. Сепак, секоја општина треба да има среднорочни планови за инфраструктурен развој (планови за капитални инвестиции), усогласени со нејзините реални можности. На крај, секоја општина треба да овозможи транспарентен систем за жалби на незадоволните корисници на комунални услуги и да развива одредени облици на е-самоуправа (e-government) заради одржување чекор со современите трендови.

                                                                                                                                                                                     проф. д-р Пеце Недановски

Контактирајте не на социјалните мрежи:

Контакт инфо

Општина Зрновци

Илинденска Бр.186, 2305 Зрновци, Македонија
Email: info@zrnovci.gov.mk

Tel: +389 33 353 104, +389 33 353 105
http://www.zrnovci.gov.mk

@ 2021 Сопственост на Општина Зрновци