Селото Зрновци е седиште на општината Зрновци и се наоѓа на 8 км јужно од градот Кочани, во подножјето на планината Плачковица. Според пописот од 2002 година, селото имало население од 2.221 жител.
За самиот назив Зрновци, постои предание меѓу народот дека настанал од "зрно и овци", што говори дека овој крај изобилувал со зрнени култури и со мошне развиено сточарство.
Селото се наоѓа на:
- 8 км оддалеченост од најблиската железничка пруга во Кочани;
- 134 км оддалеченост од главниот град Скопје;
- 118 км оддалеченост од аеродромот Петровец кај Скопје;
- 60 км оддалеченост од граничниот премин кон Бугарија кај Делчево;
- 184 км оддалеченост од граничниот премин кон Грција кај Богородица.
Зрновци се наоѓа на надморска висина од 360 м и како дел на Кочанска Котлина е заштитено од силни северни ветрови со Осоговски Планини, а од силни воздушни продори од југ со планината Плачковица.
Селото Зрновци е модерно село со уредена инфраструктура и со жители со урбани навики.
Прекрасната река Зрновка поминува низ сред село веднаш покрај уредениот парк и новоизградениот плоштад. Во средината на плоштадот има убава фонтана и бронзен споменик на патронот на општината “Св. Димитриј“. Во селото опстојува и работи Основно училиште „Синиша Стоилов“ со околу 200 деца од 1-9 одд.